Оперативниот систем на Google, Android, е моментално најпопуларниот мобилен оперативен систем, кој според истражувачката компанија Gartner има 52,5 отсто од пазарот на паметни телефони. Меѓутоа безбедноста на овој оперативен систем е на незавидно ниво. Google, за разлика од Apple, нема строг систем на одобрување на апликации, па оттука голем процент на паметни телефони кои работат на Android имаат на себе злонамерен софтвер.
Според новото
истражување извршено од страна на Juniper Networks, бројот на злонамерни апликации во Android маркетот има пораснато за дури 472 отсто од Јули 2011. Поголемиот дел од овие апликации се имаат појавено во Октомври и Септември. Според официјалниот блог на Juniper Networks, најголемата причина за зголемениот број на злонамерен софтвер се должи на тоа што Google не контролира кои апликации можат да бидат инсталирани на Android уред, како што тоа го прави Apple.
Поголемиот дел од злонамерниот софтвер цели кон личните информации на корисниците, како што е локација, контакти, мејл адреси и приватни пораки. 55 отсто од злонамерниот софтвер е спајвер, додека 44 отсто се СМС Тројани.
Аналитичарите на Juniper претпоставуваат дека хакерите одговорни за злонамерниот софтвер за Android, се всушност оние кои се имаат специјализирано за креирање на таков софтвер наменет за Symbian и Windows Mobile. Се разбира, застапеноста на овие оперативни системи е драстично опадната, па логично е тоа што хакерите ги имаат префрлено своите напади на моментално најпопуларниот мобилен оперативен систем, Android.