Како што е веќе добро познато, голем број од македонските онлајн медиуми одлучија да ја бојкотираат најпопуларната веб страна во Македонија, Time.mk. Причините за овој потег, според медиумите, се финансиски. Тие бараат од Time.mk неколку илјади евра за да може да прикажува дел од нивната содржина.
Интересно е тоа што законот за авторско право не е експлицитен кога станува збор за агрегирање на веб страници и прикажување на парцијални содржини од истите.
До сега од Time.mk се имаат повлечено Сител, Канал 5, Утрински Весник, Дневник, Вест, Netpress, Курир и ИдиВиди.
Основачот на најпопуларната македонска веб страна, професорот Игор Трајковски,
објави дека ќе го почитува барањето на медиумите повеќе да не се агрегираат нивните содржини, поточно на Time.mk нема да се прикажуваат кратки делови од содржината и мала слика, туку ќе се прикажуваат само јавно достапните линкови кон нивните страници.
Овие линкови можат да се најдат на сите социјални медиуми, блогови, комерцијални сајтови и други локации на интернет. Истите тие линкови се јавна сопственост и никој не може да го забрани нивното споделување.
Според Игор Трајковски, сите линкови од веб страните на медиумите кои си заминаа од Time.mk ќе бидат прибирани од самите читатели и ќе бидат прикажувани на страницата. Линковите можат да се праќаат на news@time.mk.
Time.mk освен во Македонија веќе три години функционира и во Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и Бугарија. Игор Трајковски ни кажа дека до сега немале никаков проблем во останатите држави каде функционира Time.mk. Очигледно само во Македонија медиумите не разбираат како функционира интернетот.
Но и покрај бојкотот, Time.mk продолжува успешно да работи. Игор Трајковски ни откри дека неодамна креиран е агрегатор за вести во
Германија, а ширењето надвор од Македонија ќе продолжи со креирање агрегатори во Босна и Херцеговина, Грција и Турција.