Megaupload, една од најпознатите веб страни за споделување на документи во светот, е затворена од страна на американските федерални власти, додека сопственикот и неколкумина вработени се уапсени и обвинети за прекршување на законите против пиратерија.
Во обвинението против Megaupload се наведува дека оваа веб страна има предизвикано сопствениците на авторски права да изгубат 500 милиони долари од пиратски филмови и друга содржина.
На барање на американските власти, во Нов Зеланд се уапсени основачите на Megaupload, Ким Дотком и Матијас Ортман заедно со уште двајца вработени, додека други троца се во бегство.
Американското министерство за правда имаше изјавено дека лицата поврзани со Μegaupload се обвинети за перење на пари, рекетирање и прекршување авторски права. Издадени се 20 налози за пребарување во дури 9 земји и одземен е имот во вредност од 50 милиони долари. Американските власти исто така имаат дадено наредба да се одземат 18 домејни поврзани со Megaupload.
Во многу брзо време откако се прошири веста за затворање на Megaupload и апсење на лицата поврзани со оваа веб страна, хактивистичката група Anonymous започна со една од најголемите и најкоординираните напади до сега.
Во рок од само неколку часа, Anonymous успеа да ги бутне веб страните на американското министерство за правда, ФБИ, американската филмска асоцијација, американската музичка асоцијација, веб страните на дискографските куќи Universal Music Group и Warner Music Group, како и веб страната на компанијата за лиценцирање музика BMI.
Anonymous на
Pastebin објави и лични информации за првиот човек на американската филмска асоцијација, Крис Дод, кој е еден од водечките поддржувачи на законот против пиратерија, попознат како SOPA.