RIM веќе од следната недела би требало на сопствениците на PlayBook да им ја дистрибуира новата верзија од оперативниот систем за тој таблет.
Неофицијално, PlayBook OS 2.0 би требало да се појави на 21-ви февруари, а веќе е достапна и нова верзија на апликацијата BlackBerry Desktop Software (верзија 7), која најверојатно ќе биде потребна за наградбата на оперативниот систем на таблетот.
Најважните новини во PlayBook OS 2.0 се локалните апликации за е-пошта, календар и контакти. Апликацијата за електронски пораки ќе поседува единствен инбокс за пораките и електронската пошта, додека календарот овозможува побрза организација и истакнување на одреден датум со поголем број задачи со едноставно зголемување на фонтот на тој ден.
Тука е и новата, попрегледна виртуелна тастатура со опција за автоматско корегирање и предложување на зборови, а сите три наведени апликации имаат интегрирана можност за поврзување со социјалните мрежи како што се Facebook, Twitter и LinkedIn.
PlayBook OS 2.0 на корисниците ќе им овозможи и работење со одредени Android апликации, а повеќе детали за тоа ќе бидат достапни по официјалното лансирање на новата верзија од оперативниот систем.