Wacom Intuos 4 M A5 Wide Wireless
Pen tablet Trust SlimlineWide 250x150
Многумина од нас графичките таблички ги сметаат како забавна алатка која ќе помогне да се „нашкрта“ нешто во фотошоп и да се зачува. Тие се и скапи играчки но за графичарите и уметничките души, овие уреди се многу повеќе од тоа што многумина сметаат дека се. За оваа рецензија имаме два вакви уреди од висока и средна класа. Едниот е Wacom, производител со реноме и традиција кога се работи за уреди за дигитална уметност, а другиот е Trust кој произведува и останати уреди како тастатури, глувчиња и друга галантерија. Најпрво ќе ви ги претставиме овие два уреди посебно со нивните спецификации и можности, а на крај ќе направиме нивна споредба, колку што ни дозволува разликата во класата.
Wacom Intuos 4 M Wide Wireless
Опис
Со самиот наслов, оваа табличка кажува многу за нејзините можности и големина на работниот простор. Се работи за табличка од серијата Intuos од 4-тата генерација, со средна (Medium) големина и безжично поврзување со компјутерот на кој се работи. Оваа табличка со помош на Bluetooth безжичната врска ви дозволува релаксирано да се опуштите во најзгодната позиција за работа и да се движите до 10 метри од компјутерот на кој работите. Ова значи дека може слободно да го приклучите вашиот компјутер со телевизорот и да се сместите удобно во фотељата и да почнете да цртате.
Оваа серија на Intuos како и претходните, доаѓа во неколку големини, S (Small), M (Medium) и L (Large) големина. За полесна илустрација на работниот простор кај трите различни големини најлесно е да запаметите дека L е со големина приближно на A4 формат на хартија, M со A5 формат и S со А6 формат на големина на работниот простор. Секој смета дека најдобрата варијанта е да се поседува табличка со најголем работен простор но понекогаш и тоа не е така. Големиот работен простор само ќе ви овозможи поголема прецизност но движењата на дланката за исцртување на некој предмет, ќе се претворат во движења на целата рака за да може да го покриете просторот на кој работите.
Спецификации
|
Wacom Intuos 4 M Wireless
|
|
Работна површина
|
203x127mm
|
|
Тежина
|
900gr. (со батерија)
|
|
Димензии
|
363х253х15mm
|
|
Осетливост на пенкалцето
|
2048 нивоа на притисок
|
|
Врска
|
USB, Bluetooth
|
|
Технологија
|
Метод на електромагнетна резонанса
|
|
Резолуција
|
0,005mm (5080 линии по инч)
|
|
Осетливост на закривување
|
± 60°
|
|
Максимална висина на пенкалцето
|
10 mm
|
|
Копчиња за брз пристап
|
8 (со можност за менување на опциите)
|
|
Touch ring контролер
|
1 (со ротирачка контрола на допир)
|
Во пакувањето
Оваа графичка табла е спакувана „за сите пари“ што сте ги инвестирале во неа. Елегантна кутија обоена во црна мат боја со високо квалитетен финиш. Уште при првиот контакт се познава дека се работи за уред од висока класа, но настрана пакувањето, она што нас не интересира е тоа што има внатре нели J. Покрај табличката со нејзината батерија, во кутијата е и пенкалцето (stylos-от) за кое има и резервна гума која може да ја замените после долготрајното користење кое според нас не би требало да се случи во текот на наредните 2-3 години активно користење. Од резервни делови исто така може да се забележат и трите прстени кои се поставуваат на завртката од врвот на пенкалцето која го држи врвот на stylos-от.
Интересен додаток е постаментот за stylos-от кој навидум е само држач, но доколку забележите подетално и го отворите, ќе видите дека во него се наоѓаат 10 резервни врвови за пенкалцето со различни завршетоци и различни бои.
Батеријата е rechargeable литиум-јонска и има капацитет од 1800mAh. Во текот на нашето тестирање, за 4 часа активна работа, капацитетот на батеријата се намали за 40% па следствено на ова, со едно полнење, би требало да фунцкионирате до 10 часа со активна работа на овој уред. Производителот тврди дека батеријата може да издржи и до 18 часа работа но треба да земеме в предвид дека во текот на нашето дружење со оваа табличка, не и дадовме ни момент да здивне.
Исто така покрај дискот со драјвери и потребниот софтвер за нормална работа, во пакувањето најдовме и диск со наслов „Meet the masters. Watch it, learn it, do it.“. Со помош на овој диск ќе се запознаете со можностите на оваа табличка и како правилно да ја користите со сите нејзини опции кои ги нуди.
Поврзување
Во упатството за користење и прва употреба, пишува дека за почеток треба да ја наполниме батеријата па така и сторивме. Ја поврзавме табличката на компјутерот и не изненади фактот дека таа веднаш профункционира без никакви драјвери и без вклучен Bluetooth. Тоа значи дека може да ја користите оваа табличка и без батеријата со цел да ја зачувате доколку сте еден од оние луѓе кои сакаат уредите да им траат „додека се живи“. Шалата на страна, табличката функционира на Windows 7 без драјвери но проблемот е што не функционира како што би требало. Имено, се однесува како класично глувче и може слободно да го подигнете пенкалцето и да го поместите на страна, а стрелката да остане на местото кое што била. За нормално функционирање ги инсталиравме драјверите и пропратниот софтвер и веднаш ги забележавме двата LCD екрани до 8-те контроли за брз пристап. Професионалноста на Wacom не изостанува нити при инсталацијата на табличката па така ве води низ дијалог во кој едно од прашањата е дали сте леворак и деснорак за да ви ја покаже правилната поставеност и содржината на LCD екраните да ја прикаже во вистинската насока. Вклучувањето на Bluetooth врската е „лесна како песна“. Од десната страна на табличката (за деснораките корисници) покрај приклучокот за USB и On/Off прекинувачот се наоѓа и Bluetooth копче со чија помош се активира оваа врска, а на вашиот компјутер единствено што треба да направите е да го пронајдете Intuos 4 кој се појавува со икона од глувче и да направите Pair. Толку едноставно! Спремни сме да „шкртаме“.
Рецензијата продолжува ОВДЕ