Archos е француска компанија која произведува електронски уреди за крајните корисници основана во 1988 година. Основана од Henri Crohas и како што може да забележите, самото име Archos е анаграм од презимето на Хенри, „Crohas“. Фокусот на производсството е ставен врз портабилните уреди, медиа плеери и сл. Во текот на своето постоење, слоганот на компанијата се менувал од „Think Smaller“, во „On the Go“ за денес да биде „Entertainment your way“. Интересен е фактот дека оваа компанија произведувала таблет компјутери и пред останатите компании да размислат на таа идеја па може да се каже дека е пионерот во оваа област. Првиот свој таблет официјално го пуштиле во продажба во 2009 година а денес имаат голем број таблети кои се познати и конкурентни на пазарот.
Во нашата земја, може да се најдат и таблети на чија опаковка може да се прочита името „Archos“ а производителот е Arnova. Оваа компанија, чие целосно име е „Arnova Technology Hong Kong“ има официјална дозвола да ги користи дизајните и патентите на Archos со тоа што овие модели имаат малку понизок квалитет. Како и да е, во оваа рецензија ќе се задржиме на еден од најмоќните таблети на Archos кој може да го најдете на нашиот пазар.
Спецификации
· Екран од 10,1 инчи со резолуција од 1280х800 пиксели
· ARM Dual-Core Cortex A9 OMAP4 1.0GHz процесор
· 16GB flash меморија и 512MB рам меморија
· Wi-Fi (802.11 b/g/n) и Bluetooth 2.1+EDR
· Андроид 3.2 Honeycomb
· Поддршка за Flash 10.3
· 720p предна камера
· USB 2.0, MicroSD читач на картички и HDMI конектор
· GPS, G-Сензор (акцелерометар), Звучници и микрофон
· Литиум-полимер батерија која може да трае и до 7 часа
Пакување
Во пакувањето од овој таблет нема да најдете ништо повеќе од било кој мобилен телефон. Кратко упатство за употреба, кабел за поврзување со компјутер кој исто така може да служи и за полнење на батеријата преку полначот и неколку различни приклучоци за напојување.
Таблетот е елегантно спакуван а сепак доволно заштитен од удари или пак падови на кутијата. Со оглед на тоа дека овој производител е фокусиран кон задоволувањето на потребите на младите корисници кои бараат повеќе алатка за забава отколку за работа, во пакувањето недостигаат слушалки кои би биле добредојдени за корисниците.

Целокупната архитектура на овој таблет се базира врз работата на моќниот OMAP4 процесор од Texas Instruments кој е повеќејадрен процесор со работен такт од 1GHz. Со помош на овие перформанси, крајниот корисник може да очекува перфектно сурфање и прегледување на Full HD 1080p видео користејќи H.264 High profile кодеци со над 30 слики во секунда. Колку од овие перформанси се остваруваат на дело, прочитајте во понатамошниот дел од овој тест.
Дизајн

На прв поглед овој таблет делува елегантно, но оние по пребирливите веднаш ќе забележат на пластичната рамка која укажува дека крајниот корисник покрај се добива уред кој сигурно не е од висока класа. Ако ги разгледаме моменталните понуди на пазарот, ќе забележиме дека поголемиот дел од од таблет компјутерите од ниската и средна класа користат куќишта од пластика, па затоа и е заклучокот дека ова парче воопшто не отскокнува. Едни од ретките таблети со алуминиумско куќиште се Acer Iconia Tab A500, Asus Transforer, OSM RK97 и, секако, iPad2.
Димензиите на таблетот се 276х167х12,6mm а има и модел кој во себе содржи и диск од 250GB кој е значително „подебел“ од моделот кој ние го имавме на тест. Тежината на овој таблет е речиси 650 грама и не може да ја изоставиме доколку вашите планови се таблетот да го носите со себе во внатрешниот џеб од вашето палто.Големината на рамката во однос на екранот е многу елегантно маскирана со темната рамка околу екранот со дебелина од околу 8mm а потоа следи седефасто-сива боја на куќиштето од уредот.

Од десната страна е поставена контролата за јачина на гласот додека од левата се наоѓа power копчето, читачот на Micro SD картичка, microUSB конекторот, miniHDMI и 3,5mm приклучок за слушалки. Полнењето на уредот се врши преку microUSB приклучокот па така, сметаме дека кога тој е вклучен на полнач, може да пречи во работата додека таблетот го држите со левата рака а со десната работите (што е најчест случај кај деснораките корисници). MicroSD Картичката воопшто не пречи и речиси комплетно влегува во читачот, што е спротивно на мислењата на некои корисници дека таа би можела да пречи бидејќи не е рамно поставена со куќиштето кога е во читачот.
Од задната страна се наоѓа еден отвор кој е покриен со пластично капаче кој служи за USB 3G адаптерот кој може дополнително да се набави од производителот за 50-тина евра. Зошто ваков потег направил Archos не ни е јасно, и сметаме дека кога веќе се одлучиле на опцијата 3G, можело да се вметне ваков модем без да се комплицира ваквиот начин на употреба. Она за кое даваме позитивни критики беше држачот за таблетот од задната страна, кој може да ви послужи кога сакате да го оставите таблетот на маса и да изгледате некое видео или пак албум.
Екранот од 10,1 инчи со резолуција од 1280 на 800 пиксели е вистинско ремек дело кога станува збор за приказот на боите и рефлективната површина прави да чувствувате како да допирате по реални фотографии а не екран. Меѓутоа, мачот со две острици (рефлетивниот екран) е тука да ја покаже својата лоша страна – намалената видливост во простор каде има поголема светлина. За комфорна работа во вакви услови, ќе мора да ја подесите осветленоста на екранот на максимум што и не е така тешка работа со оглед дека оваа функција се наоѓа на само 2 клика од домашниот екран.
Комплетниот дизајн на таблетот, финишот, изгледот и работата на него, остава простор да го посакате ова парче да падне и во вашите дланки. Всушност, тоа и може да се очекува од таблет кој чини речиси 19 000 денари – област каде „Archos“ им ги поматува сметките на останатите конкурентни таблети во таа класа.
Интерфејс, апликации и софтвер
Како што веќе можевте да забележите од претходниот дел од текстот, овој таблет се служи со Android 3.2 Honeycomb оперативниот систем со custom-изиран UI, и верзија на фирмверот 3.2.22. Како и секој андроид, и овој таблет има повеќе домашни екрани (вкупно на број 5) кои се комплетно „отворени за соработка“ кога станува збор за додавање на разни виџети, апликации, кратенки и сл.
Апликациите кои може да се најдат се календарот, камерата, Cine Trailer, галерија, софтвер за навигација, софтвер за обработка на видео и фотографии, популарната angry birds и секако андроид маркетот. Некои од апликациите кои ги симнавме од маркетот со оглед на тоа дека се наменети за телефони и андроид направи со големина на екранот од 800х480 пиксели изгледаа заматени. Оперативниот систем е добро синхронизиран со Gmail и Google календар акаунтите па така, крајниот корисник нема да има потешкотии при ваквата синхронизација. Honeycomb таблетите поддржуваат и Adobe Flash 11, но препорачливо е да се задржиме на веќе инсталираниот Flash 10.3 сега за сега, бидеќи на неколку тестови е покажано дека новата верзија може да предизвика пад на системот и неправилно функционирање на интернет прелистувачот.
Вистинско задоволство е да се работи на големата виртуелна тастатура, која прилично брзо одговара на типкањата врз неа и не прави капитални грешки.
Она што мора да го забележиме е софтверската поддршка од производителот. Имено, во текот на нашето тестирање, добивме известување дека може да направиме update на софтверот на понова верзија, што уште еднаш ја потврдува посветеноста на Archos на своите купувачи пред и по купувањето на нивните производи.
Перформанси и тестирање
Во првиот момент кога го земавме таблетот, го вклучивме на полнач и на наше изненадување тој го подигна оперативниот систем. Пробавме уште еднаш да го исклучиме од напојување и повторно да го вклучиме да се полни батеријата, но тој повторно го подигна оперативниот систем. Ова ни даде до знаење дека таблетот не може да ја полни својата батерија без да е подигнат оперативниот систем. Откако се наполни батеријата започнавме со работата за да го добиеме првиот впечаток.
Брзината на процесорот е очигледна и се манифестира врз корисничкото искуство кога пролизгувате со прстите врз екранот и воопшто не може да се забележат задоцнувања на сликата. Она што почесто нас знаеше да не иритира е доцнењето на екранот за отклучување откако ќе го притисневме power копчето. Имено, кога таблетот е заклучен и притиснете на power, ќе почекате околу 1,5 секунди до појавувањето на екранот за отклучување. Вакво подесување во поставките на уредот не забележавме па очигледно Archos треба да ни го дадат логичниот одговор зошто е тоа така. Големиот екран ги покажува интернет страните во целост и нема потреба од зумирање на содржината со цел полесно прегледување и читање. Осетливоста на екранот е одлична и не смее да биде поинаку кога се работи за капацитивен начин на отчитување во оваа класа на уред. Сурфањето и разлистувањето на менито е одлично, но она што нам ни недостигаше е хардверско „back“ копче кое ќе не одведе во претходното мени па наместо него мораше да се служиме со виртуелното копче кое е сместено во долниот лев агол.
За проверка на перформансите на процесорот и графиката снимивме FullHD 1080p видео на картичка и го пуштивме со помош на вградениот player. По 2-3 секунди чекање, видеото беше на нашиот екран без никакви шумови, задоцнувања или пак кочења кои би покажале дека уредот нема доволно сила да се справи со ваквиот материјал. Аголот на видливост на екранот е за голема пофалба и не отстапува од реалната осветленост и контраст кога гледаме право и од страна. Звучникот кој е поставен на задната страна од таблетот е моно и е со задоволителен квалитет но се јавува проблем кога таблетот ќе го поставиме хоризонтално на ткаенина, па така звукот е веќе драстично пригушен. Работниот век на батеријата со едно полнење беше 5 часа и 30-тина минути со активно комбинирано работење на интернет и гледање видео. Наредното полнење на батеријата го направивме преку компјутер, а не преку сопствениот полнач за во електрична мрежа и забележавме дека полнењето на батеријата е за 30-40% побавно.

Од квалитетот на камерата која е со HD 720p резолуција не бевме воодушевени. За солидна фотографија или снимка, условите за фотографија треба да се во многу осветлен простор па така поголемиот дел од фотографии кои ги направивме беа со многу мала осветленост во однос на тоа што го очекувавме.
Во последно време, се повеќе се актуелни андроид benchmarks па затоа и направивме неколку тестирања со вакви софтвери и ќе ви ги дадеме како референтни вредности доколку сакате да ги споредите со вашиот андроид уред. Со помош на „AnTuTu Benchmark“ направивме тестирање и ги добивме следниве вредности :
- RAM : 806
- CPU Integer : 1420
- CPU Float-point : 1082
- 2D Graphics : 289
- 3D Graphics 852
Со помош на quadrant standard направивме тестирања и добивме резултати од 740 поени.
Предности, недостатоци и заклучок
Предности
· Голем екран и голема резолуција на екранот
· Моќен процесор кој лесно се справува со било која задача
· Софтверска поддршка и Update од производителот
Недостатоци
· Недостаток на хардверско back копче
· Низок квалитет на камерата
Заклучок
Намената на таблет компјутерите е пред се за интернет, комуникација, музика, слики, видео и читање на документи. Доколку вашите потреби се различни, т.е. таблет компјутер би користеле за пишување на текст и работа со табели, тогаш овој уред не е она што вам ви треба. За сите останати, ТАБЛЕТИТЕ СЕ ВО МОДА!
Archos 101G9 е таблет кој сосема ги исполни нашите очекувања за цената по која се нуди. Од личното искуство со Acer Iconia Tab A500 кој чини 100-тина евра повеќе, разликата во перформанси е минимална. Единствено нешто по кое овој таблет може да се разликува е квалитетот на изработка. Пластиката која е употребена за куќиштетот на овој уред е сосема солидна, но алуминиумската изработка е она што во моментов може да ги намами погледите на најпребирливите купувачи.
Позајмено од Анхоч.