Во 2010 година беше лансирана нова социјална мрежа, која благодарение на својот феноменален кориснички интерфејс, после неполни две години од своето постоење успеа да биде споредувана со Facebook и Twitter.
Станува збор за социјалната мрежа
Pinterest, која за разлика од останатите социјални мрежи, својата содржина ја базира на фотографии наместо на текст. Успехот на Pinterest се должи на тоа што ги комбинира најдобрите елементи од социјалните мрежи, а тоа е богата визуелна содржина и можност за споделување на истата.

Pinterest e друштвена платформа за организирање и споделување на фотографии каде корисниците, во зависност од нивните интереси, креираат разни таблоа во кои ги закачуваат своите омилени фотографии. Поради својата природа, Pinterest е социјална мрежа каде доминира женскиот пол.
За да можете да започнете со организирање и закачување на креативни и инспиративни фотографии, прво е потребно да добиете покана. Интересен е фактот што и покрај поканите, Pinterest веќе има 4 милиони корисници. Доколку сакате да си отворите профил на Pinterest пишете ја вашата е-пошта во коментарите и веднаш ќе ви испратиме покана.

Откако ќе добиете покана, на вашиот Pinterest профил можете да се логирате и преку вашиот веќе постоечки Facebook или Twitter профил. Добрата работа со логирање преку овие социјални профили, е тоа што можете да пронајдете кои Facebook или Twitter пријатели веќе имаат Pinterest профили.
Откако ќе се логирате, Pinterest ќе ви предложи да креирате неколку таблоа. Pinterest предлага неколку основни таблоа со наслови, но вие можете да си одберете како ќе ги именувате и категоризирате. Секое табло можете во било кое време да го преименувате и да го ставите во некоја нова категорија. Откако ќе креирате табло, во него можете да започнете да закачувате фотографии. Закачувањето фотографии во таблоата се вика pinning.

За да можете да закачувате фотографии од било која веб страна на вашиот Pinterest профил, потребно е да го ставите копчето Pin It во вашиот веб прелистувач, поточно во Bookmarks алатникот.
Доколку сретнете фотографија што би сакале да ја закачите на Pinterest, само притиснете на Pin It, и ќе се отвори ново прозорче во кое се бара да се даде краток опис за фотографијата и да се одбере во кое табло да биде закачена. Исто како и со таблоата, така и веќе закачените „пинови“можат во било кое време да се променат, поточно нивниот опис и таблоата во кои се закачени.

Содржината што се закачува е јавна и нема опција да се направи приватна. Ова може да се каже најмногу придонесува за друштвениот аспект на Pinterest, каде секој може да ги гледа таблоата што ги имате креирано, да го следи вашиот профил или пак да следи само одредени таблоа, да ги „лајка“ фотографиите во нив, да ги „репинува“ (да ги преземе од вас, и да ги стави во свое табло, со линк кој води вашиот профил), како и да коментира на вашите „пинови“. Се разбира, истото можете и вие да го сторите.
Покрај можноста да „пинувате“ фотографии од било која веб страна, како и да „репинувате“ фотографии од други Pinterest корисници, исто така можете да закачите фотографии и директно од вашиот компјутер. Покрај фотографии, во таблоата можат да се закачуваат и видеа, меѓутоа моментално може само YouTube видеа.

Откако ќе пронајдете пријатели и ќе започнете да ги следите, на почетната страница се појавуваат сите фотографии кои се закачени од страна на вашите пријатели. Како за почеток, паметно е да следите профили кои би ви ја полнеле вашата почетна страница со креативна и забавна содржина, содржина која ќе ве натера повторно да се вратите на Pinterest.
Тимот зад Pinterest исто така има креирано и официјална апликација за iPhone која можете да ја преземете од следниот
линк.