The Darkness II - 79 Metascore оценка
жанр: Aкција во прво лице
автори: Digital Extremes
издавач: 2К Games
The Darkness 2 e одлична игра, но за возрасната публика. За да уживате во овој продукт на интерактивна забава потребно е да го разбудите психоделичното дете во вас и да имате исклучително отворен ум кон распорување градни кошеви и јадење срца кои сеуште чукаат, играње со човечки тела како со кукли и необјасниво задоволство при обезглавување и одстранување екстремитети. Нема ништо страшно во играва, само многу акционо-брутални моменти кои жонглираат на границата помеѓу морничаво и болно. Погледнете и самите.
Кратка кампања и делумно-впечатлива приказна зборува за искачувањето на Џеки, прифаќање на бројните потенцијали кои демнеат во темнината како и за болката на изгубената љубов. Играта е испирирана од популарните стрипови каде Jackie Estacado ги добива демонските моќи на Темнината (The Darkness).
Она што не ни се допадна спориот старт, што не беше случајот со првата игра, но исклучително сме задоволни од гласовната глума. Актерите, особено гласовниот талент на вокалистот од Faith No More, Mike Patton, одлично ја зголемува вредноста на клишизираните сценарија.
Од една страна The Darkness II се игра како карактеристичен шутер во прво лице и можете да користите, пример, пиштол во една рака, а полуавтоматски пиштол во друга. Од друга страна, покрај најразлични огнени оружја имате уште две демонски "пипала" чија најголема желба е играње со пленот на различни начини... и повремено голтање срца. Ваквиот гејмплеј ви дозволува да користите оружја со двете раце, а со демонските да фрлате најразлични предмети, да зграпчувате непријатели и да ги ликвидирате на брутални начини.
Лесно можете, на пример, да искорнете врата од автомобил и да ја користите како штит, за кое време пукате преку прозорецот на вратата. Ваквата флексибилност ги отвора пак вратите на имагинацијата и ве наградува во зависност од ликвидацијата. Стандарно убивање непријател ќе ве награди со 10 искуствени поени, но ќе добиете трипати повеќе доколку го зграпчите со демонските раце и разнесете низ собата, дел по дел.
Искуствените поени за возврат ве наградуваат со нови моќи, што е особено добродојдено во втората половина од играта. Една таква моќ се вика Gun Channeling и нејзиното активирање ви дава неограничена муниција и навидум несопирлива огнена моќ која ги разнесува непријателите на делови. Инвестирајте во моќта и ќе можете да гледате и пукате во непријатели преку ѕидови.
Во моментот кога ќе завршите со кратката кампања можете да започнете со нејзино преигрување, но да ги задржите тешко-спечалените моќи од првото играње.
Вештачката интелигенција не е лоша, но предизвикот највеќе се зголемува со воведување поголем број еднолични непријатели. Одредени посупериорни противници фрлаат светлосни бомби (flashbangs) за привремено заслепување и искоренување на демонските моќи. Други, пак, користат импровизирани камшици за да го извлечат оружјето кое го користите и да ве остават само со демонските моќи. Покрај пипалата, придружувани сте и од Darkling и иако се радувавме на средбата не ни се допаднаа одредени детски/ первезни активности, како мокрење на телата.
Мрежното играње е директно поврзано со кампањата, а играте како еден од четирите атентатори со Darkness моќи. Како што споменавме, повеќето мисии во ваквата ко-оп форма имаа допирни точки со приказната, но не вреди да се играат сами, што поради тежината, а што поради здодевноста. Режимот е замислен да се игра со уште тројца луѓе и како таков нуди забавни можности за покривање во зависност од вашата положба и локациите во кои се наоѓате.
The Darkness 2 е пропратена со технички недостатоци како багови при крајот на играта, кршење/ замрзнување на текстури и анимации, паѓање на непријатели преку цврсти површини како подови и едноличност на непријатели. Тука е кратката должина на кампањата и, на моменти, навистина крвави ликвидации кои не можат да бидат ублажени со цртачката графика. Тоа, меѓутоа, не би требало да ве спречи во нејзиното истражување, се додека, нормално, светлата се вклучени.
Оцена: 8
Приказна: 7
Гејмплеј: 8
Графика: 8
Звук и музика: 9