Прочитано 524 пати 2 коментари
First category (entire audience)

Рецензија - Kingdoms of Amalur: Reckoning

Мега рецензија - Kingdoms of Amalur: Reckoning - 80 Metascore оценка
жанр: RPG
автори: Big Huge Games
издавач: EA Games 
 
RPG станува еден од најексплоатираните жанрови во гејмерската индустрија, а исклучок дефинитивно не е ни 2012 година. Skyrim ја започна работата уште пред новата година, а Kingdoms of Amalur: Reckoning одлично се надоврзува на посветата, но не како верна копија туку како уникатна игра со својствени елементи и приказна. Независно дали сте по модерни акциони RPG игри или нивните потрадиционални форми, Reckoning се прилагодува на вашиот стил и го нуди она во што уживате, дали се тоа динамични пресметки, неверојатно многу дијалози или од сè по нешто.
 
Бунарот на душите
За приказната е одговорен еден од видните мајстори на пишаниот збор, R. A. Salvatore. Зад авторот стојат бројни наслови од фантазискиот свет, особено критички-признаената Demon Wars сага. Очигледен е трудот на авторот да ве вовлече во неговиот свет и често ќе наидете на ситуации кои се осмислени со малку поразлични видувања, не забораваќи да бидете пријатно изненадени и со нетрпение да го очекувате следниот пресврт.
 
 
Во играта започнувате мртви, влечени во количка од две џуџиња кои со резервирано сочуство внесуваат податоци за вашите физичките атрибути, давајќи ви прилика да бирате помеѓу четири раси и пол. Reckoning не се игра премногу различно во зависност од половите и нема да погрешите доколку се восхитувате на подобрата половина. Откако го средите изгледот (кој подоцна се менува преку огледалата во вашите домови), џуџињата љубезно ќе ве фрлат во купче лешеви, не надевајќи се дека повторно ќе ве видат. Причината поради која се наоѓате во оваа ситуација е затоа што џуџињата мислат дека бунарот на душите не успејал да ве врати во животот. Констатацијата набргу излегува неточна и од купот со мртви тела и ќе исползите како нешто што не може да биде контролирано ни од судбината.
 
Патот на судбоносецот
Имајќи ја способноста да ја менувате судбината ќе бидете вовлечени во сурова војна помегу поделените Елфски кралства и незавидната ситуација на луѓето. Приказната зборува за вашето епско издигање, расплетување и одново плетење на судбоносната мрежа.
 
За одличната кампања ќе ви треба околу 35 часа, под услов воопшто да не посветите внимание на споредните мисии. Доколку сакате да помогнете на сите и трпеливо да го слушнете тоа што имаат да ви кажат, Reckoning може да се развлече и до 180 часа. Територијата низ која се одвива играта е зашеметувачки огромна, а луѓето постојано бараат нешто од вас. Подразбирливо, кога се работи за толку многу задачи, потребно е да се очекува дека повеќето ќе се повторуваат и придржуваат на принципот: оди таму и убиј или земи нешто. Тоа, за жал, е можеби најголемата слабост кај Rekoning.
 
 
Одредени споредни мисии знаат да бидат здодевни, а гласовите делуваат како да се позајмени од исти невпечатливи актери. Мисиите, како тие за Court of Summer, пријатно ќе ве наградат со пари, искуство и титула, но малку ќе ги променат работите во сите други аспекти.  Точно, ликот стана кралица и луѓето ја поздравуваа како таква,  но не добивме ништо повеќе од тоа. Каде е палатата во која можеме, пример, да спиеме, дотеруваме и складираме опрема? Каде се бројните бенефиции во кои уживаат благородните лица? За што се боревме? 
 
Ова можеби е мал проблем за луѓето кои сакаат да извлечат повеќе од нивните авантури, но никој не би требало да се пожали во поглед на борбениот систем. 
 
Танцот на силата
Доколку го следите патот на воинот, ве очекува интересен избор од студени оружја и магии. Можете да користите и да се усовршувате со три клучни оружја, пропратени со уникатна серија од движења. Мечот, на пример, е најбрз, но најслаб, а епските чекани ја менуваат брзината со силата. Најимпресивната магија кај воинот е можноста да се издигнат карпи во три последователни удири, секој удир појак и поимпресивен од претходниот. Здодевните стрелци, пак, можете да ги зграпчите од далеку и да ги повлечете кон вас.
 
Борбениот систем ви овозможува флуидна импровизација и транзиција помеѓу нападите - левиот клик е резервиран за оружјето, а десниот за специјалните можности. Во кој било момент имате опремено две оружја и со копчето q инстантно ги менувате, со што битките лесно можат да се свртат во ваша корист, а и да бидат визуелно поисполнителни. 
 
 
Песната на магиите
Волшебникот има вовлечено длабоки корени во судбинските, мистични струи и е одлично решение за користење на елементите како оган, мраз или молња. Инвестирајте во ова поле и ослободете импресивни офанзивни напади. Мразот, не пример, можете да го трансформирате и исфрлите во форма на смртоносни шилци, додека молњата можете да ја издигнете над вас и да дозволите да проструи низ телата на непријателите. Омиленото оружје на волшебниците е традиционалниот стап, но и одредени импровизирани жезла за напад од далеку.
 
 
 
Шепотот на финесите
Сенките и прикрадувањето се двата омилени пријатели доколку решите да се надградувате во оваа категорија, а оружјата со кои највеќе ќе се дружите се лакот и стрелата како и најразлични бодежи. Поените кои ги инвестирате ќе ве направат повешти во нивното користење, но и во имплементирање различни отрови и дефанзивни моќи. Во горните редови спомнавме за инстантно менување оружја и импровизација во битките. Карактеристичен пример за ова е да го кренете непријателот во воздух со едно оружје, а потоа, уште пред да се струполи на земјата, да го наполните со стрели. 
 
 
Флексибилно блаженство
Низ играта можете да се усовршувате како воин, стрелец, волшебник, но и од сè по нешто. Reckoning e дарежлив со искуствени поени и ви дозволува да се надградувате онака како што сакате. Со мала парична надокнада, одредени ликови ќе ви ја расплетат искуствената мрежа и ќе ви дозволат поразлично да ги поставите поените, а со тоа и да следите поразличен пат. Во првите десет часа од играта ивестиравме само во воин, другите десет во волшебник, а потоа во финесите. Откако ни здодеа таквата "ограниченост" почнавме да импровизираме и да ги користиме предностите од сите класи. Резултатот беше непредвидлива акција од која често и самите се изненадувавме, особено кога бевме спротиставени со поголем број непријатели. Кога сме кај ова да споменеме  дека имате и скала која откако ќе се наполни и активира, го успорува времето, ја зголемува силата и ви отклучува уникатни елиминации на непријателите. Бидете доволно брзи во стискање одредено копче и ќе бидете наградени со 100% повеќе искуство.
 
Исто така, од голема помош се картите кои се отклучуваат и ви дозволуваат да бидете посупериорни во одредени аспекти, како сила, магија и слично. Во моментот кога ќе се отклучат картите можете да ги менувате кога и како сакате.
 
 
Ниедна игра, со исклучот на Skyrim, не е толку флексибилна во овој поглед, особено во акционите моменти. Кога ќе поминете повеќе време во играта,  ќе помислите е дека ниедна игра не го балансира најдоброто од Skyrim со најдоброто од God of War, а притоа успева да задржи оригинален шмек, нешто што не може да се најде ни таму ни таму.
 
Едноставната убавина на Амалур
Кога не ја впивате ненаметливата убавина на кралствата низ Амалур, можете да наоѓате и активирате древни камења, кои како чувари на историјата рецитираат песни или пренесуваат монолози. Тука е и отклучување ковчези, пробивање магични брави или пак креирање посебни камења за вашата опрема и оружја. Графиката е сосема просечна, но знае како да ве плени, да ве вовлече во универзумот и, во комбинација со гејмплејот, да ве шармира се додека ноќта не замине, а вие изгубено чекорите низ собата, не знаејќи дали да спиете, отидете на работа или пак да продолжите со играњето. :) 
 
Оцена: 8.5
Приказна: 9
Гејмплеј: 9
Графика: 8
Звук и музика: 8 

Сподели Мислење:

0%
Смешно
0%
Депресивно
0%
Страшно
0%
Интригантно
100%
Брилијантно
0%
Нервира
Framer
22.02.2012 16:03:48
1
Не би можеле да се сложиме повеќе. :) Поздрав Dragonfilip!
Dragonfilip
22.02.2012 16:01:38
Играва е прекрасна најубавата RPG што ја имам играно
1 

Фоторепортажа

Спонзорирани линкови

Видеопотсетник