|
На отворањето на конференцијата I/O, која деновиве се одржува во Сан Франциско, Google најави бројни новитети. Од компанијата уште еднаш ја изразија својата поддршка за стандардот HTML5, но претставија и интересен новитет – нов видео-формат со назив WebM. WebM е базиран на Matroska контејнерот, VP8 видео кодекот и Ogg Vorbis аудио кодекот, а ветува квалитетен приказ на видео содржини како на компјутерите така и на таблет уредите и мобилните телефони. Новиот формат е веќе поддржан во таканаречените nightly бета верзии на Firefox и Chrome, а ќе работи и во Microsoft Internet Explorer 9, доколку корисникот инсталира VP8 кодек. Google Wave, кој речиси година дена беше во полузатворена бета, сега ќе биде достапен за сите корисници. Оваа симпатична алатка за колаборација предизвика голем интерес при нејзиното прво преставување, но во последно време тој интерес значително опадна, па многумина се сомневаат дека ќе предизвика револуција, како што во почетокот се предвидуваше. Google Wave можете да го испробате на wave.google.com. Google ја претстави и онлајн продавницата за Chrome апликации, која ќе биде достапна на адресата chrome.google.com/webstore, а каде корисниците ќе можат да ги пронајдат сите апликации за овој интернет прелистувач на едно место. |