|
Во иницијалната изјава на компанијата Google во врска со минатогодишните нападите беше наведено дека се случила кражба на нејзина интелектуална сопственост и дека се верува дека нападот потекнува од Кина. Сега во јавноста излегуваат информации дека „жртва“ бил драгоцениот камен на компанијата, системот за лозинки – Гаја, што го контролира пристапот на милиони корисници низ светот кон речиси сите компаниски веб-сервиси вклучувајќи го клиентот за електронска пошта и бизнис апликациите. Софтерот за кој Google само еднаш јавно дискутираше на технолошка конференција, пред четири години, Гаја, бил молскавично нападнат во декември минатата година. Кражбата започнала со инстант порака која била испратена на вработен во Google во Кина преку Microsoft Messenger. Лицето кликнало на линкот и било поврзано со „заразниот“ веб-сајт, па со тоа несвесно им дало дозвола на напаѓачите да преземат контрола врз неговиот компјутер, а потоа и врз компјутерите на критична група софтверски развивачи во централата на Google. Конечно, напаѓачите можеле да го контролираат софтверскиот репозиториум кој го користел развивачкиот тим. Интересен е фактот дека напаѓачите имале точни податоци за имињата на софтверските развивачи на Гаја, па токму нивните компјутери биле први на удар. Украдениот софтвер привремено бил сместен на компјутерите на Rackspace, компанија од Тексас, која нуди веб-хостинг услуги, а од таму му се губи трагот. Не се знае какви се или можат да бидат во иднина последиците од кражбата. Самиот пристап кон изворниот код би можел да им го даде потребното знаење на хакерите, кои би стекнале увид во ранливостите на Гаја. |