Македонски Албански
Што е ново во новиот iPhone?
08-06-2010
Комбинација на нерѓосувачки челик и стакло, потенок дизајн и освежен изглед, значително помоќен хардвер и врвен екран. Што се’ донесува iPhone 4?

Главното случување на конференцијата Apple Worldwide Developers, очекувано, беше претставувањето на новиот iPhone, овојпат едноставно со наставка 4. iPhone 4, со своите 9,3 милиметри дебелина тој е за 24 проценти потенок од својот претходник 3GS и претставува најтенкиот паметен телефон во светот во моментов, а го сметаат и за најголемиот дизајнерски исчекор во однос на претходните генерации на уредот. Дизајнот ни е веќе познат откако примерок на телефонот беше (не)среќно загубен во локал пред околку месец дена. Новиот iPhone го придвижува А4 чип, веќе виден кај iPad. Поголемиот дел од внатрешноста на телефонот ја зазема огромната литиумјонска батерија, која, според тврдењата на Apple, нуди поголема автономија отколку кај 3GS – 300 часа во режим на мирување, 10 часа гледање видео, седум часови разговор. Apple на новиот iPhone му додаде и жироскоп, што ќе овозможи уште поинтересни апликации и игри. Новиот IPS екран, за кој од компанијата тврдат дека е подобар од кој било OLED, има дијагонала од 3,5 инчи и резолуција од 960x640 при неверојатни 326 пиксели по инч, со контраст од 800:1. Што се однесува до контективноста, се’ е исто како кај iPhone 3GS, освен што WiFi-то е унапредено во верзија 802.11n. iPhone 4 користи делови од металното куќиште како антена, што секако придонесува кон неговата тенка линија.

iPhone сега има две камери. На предната страна е сместена мала камера со VGA резолуција наменета за видеоразговори. Главната камера има резолуција од 5 мегапиксели, посебен сензор кој овозможува подобри фотографии во услови на слаба осветленост како и петкратен дигитален зум. Истата камера снима и HD видео во резолуција од 720p, а Apple од сега со iPhone ќе ја испорачува апликацијата iMovie, која овозможува едноставно снимање и монтажа на видео исечоци.

Новата верзија на телефонот доаѓа и со нова верзија на софтверот - iOS 4, која ќе се најде и на iPad . Меѓу новитетите тука е мултитаскингот, односно можноста за извршување на повеќе апликации истовремено. Потоа 2Д и 3Д графика, а фонтовите на iPhone ќе изгледаат подобро од кога било претходно. Од апликациите, покрај споменатата iMovie, тука е и iBooks, апликација за купување и читање книги од онлајн книжарата на Apple - iBookstore. Најинтересен софтверски новитет дефинитивно е FaceTime, кој овозможува видеоразговор ако сте контектирани на WiFi. FaceTime е исклучително едноставен за користење и не е потребно никакво дополнително нагодување за да работи.

iPhone 4 со 16 GB меморија во САД ќе чини 199 долари, верзијата со 32 GB ќе чини 100 долари повеќе, а стариот iPhone 3GS ќе чини 99 долари. Телефонот ќе почне да испорачува на 24 јуни и тоа во САД, Франција, Германија, Велика Британија и Јапонија, а од јули се очекува во уште 18 земји.

Bookmark and Share
Назад...