Македонски Албански
Google шпионирал Wi-Fi мрежи
17-05-2010
Google објави дека со своите автомобили за снимање на улиците за потребите на услугата Street View, по грешка собирал и информации праќани преку Wi-Fi мрежите.

Google потврди дека при снимањето на улиците за потребите на услугата Street View, биле скенирани и собирани информации сообраќани преку незаштитените Wi-Fi мрежи, лоцирани во непосредна близина на нивните автомобили. Според објавата на официјалниот блог, од компанијата тврдат дека ги сопреле сите автомобили кои се користат за снимање на улиците, откога сфатиле дека во минатите четири години ненамерно ги снимале и информациите за активностите на корисниците на незаштитетните Wi-Fi мрежи. Од Google, наводно, минатиот месец, им рекле на германските инспектори дека автомобилите собирале само податоци за јавно емитираните SSID-ови (имиња) и MAC адреси на Wi-Fi мрежите. Од компанијата тогаш тврдеа дека не ја собирале самата содржина или информации кои се праќани преку тие мрежи. Последните објави зборуваат дека тие изјави, сепак, не биле точни. Во Google сега тврдат дека по грешка собирале и информации кои биле испраќани преку тие незаштитени мрежи, иако тие податоци никогаш не биле искористени ниту биле видливи во пребарувачките или други услуги од компанијата. До грешката дошло бидејќи за потребите на Street View бил користен дел од изворниот код за собирање информации за Wi-Fi мрежи од друг проект, при што не било воочено дека тој код собира информации и за содржината која се пренесува преку мрежите. Наводно, во компанијата откриле дека собрале околу 600 гигабајти податоци емитирани преку јавните мрежи во повеќе од 60 држави. Биле собирани само делови од информациите бидејќи автомобилите биле во движење и можеле да ги „фатат“ само податоците од мрежите кои им биле во домет. Истотака, се истакнува дека не биле собирани информации за заштитените Wi-Fi мрежи. Штом го воочиле проблемот во компанијата, веднаш ги сопреле сите свои автомобили и ги издвоиле чувствителните податоци со цел да не бидат достапни. Во Google истакнуваат дека сакаат да ги избришат овие, по грешка собрани, податоци, но сега се во контакт со регулаторните тела во разни земји со цел уништување на податоците на најсоодветниот начин.

Bookmark and Share
Назад...