|
Овие предвидувања се темелат на очекувањата дека продажбата на виртуелни добра ќе расте побрзо од севкупната индустрија на играчкиот софтвер. Во текот на 2009 година, вкупните приходи од продажбата на игри за конзоли и компјутери во САД изнесувале 10,5 милијарди долари, што претставува пад од 11 проценти во однос на 11,7 милијарди долари приход генериран во текот на 2008 година. Иако придонесот на виртуелните добра не е вклучен во овие пресметки, Inside Virtual Goods тврди дека тие генерирале 1,04 милијарди долари во САД. Ова изнесува девет проценти од вкупниот приход од игри во 2009 г. Се очекува дека приходите од продажбата на виртуелни добра во игрите ќе го достигнат износот од 1,6 милијарди долари во тековната година, а веќе следната ќе пораснат на повеќе од две милијарди долари. Во следните 12 до 18 месеци Viximo смета дека падот забележан во минатата година ќе се стабилизира, а продажбата ќе се врати на нивото од 2008 г. Индустријата на виртуелни добра не е засегната од лошата економска ситуација, па се предвидува дека ќе порасне за 51 процент во 2010 година, зголемувајќи го својот удел во вкупниот приход од продажба на игри на 20 проценти до 2012 година. До 2012-та ќе биде продаден и првиот виртуелен производ вреден милион долари, а виртуелните добра ќе почнат да се користат и во политичките кампањи, се вели во извештајот на Viximo. |